Холивудските митови за љубовта

Во периодот за и после светските војни, најмногу се пееше и пишуваше за мирот. Веројатно затоа што најмногу недостигаше. Светот копнееше по мир, по стабилен и вистински мир. Денес најмногу се пишува и твори за љубовта. Веројатно затоа што таа најмногу недостига. Светот копнее по љубов. Мислам на онаа искрена, безусловна, несебична и пожртвовна љубов. Постојат многу дефиниции, описи, метафори, текстови, книги, песни, неброени „мудрости“, фејсбук статуси, слики итн за љубовта. И тоа честопати кај човекот создава хаос во главата за тоа што е љубов и како треба да се љуби.
Најголемиот и највлијателниот учител за љубовта е Холивуд. Под „Холивуд“ не мислам само на Холивудската продукција, туку на сета онаа светска медиумска машинерија, сите филмови, серии, песни, реклами, мода кои им ги перат и бомбардираат мозоците особено на младите.

Холивудските митови за љубовта

Сепак сите знаеме дека „не е сè како во филмовите“. Дури и децата забележуваат дека многу работи од филмовите не одговараат баш со реалноста. Нереални се и лажни. И не мислам тука само на научно-фантастичните елементи, туку и на секојдневни нереални аспекти во полето на меѓучовечките односи, вредностите, промоција на пороци и девијантни појави, маскирање на негативните последици од нив, нереални очекувања од љубовта, врските, сексот, разни идеологии и филозофии како да се биде среќен и да се има исполнет живот – сето ова ни се сервира пред екраните и честопати нашите мозоци го впиваат како сунѓер, понекогаш и без критички да го анализираат.

Љубовта е забава. Препушти се на страстите и уживај!

sex_and_the_cityСо години сум држел часови по математика и кога треба на учениците да им се објасни како се множат полиноми често тие се бунат и велат: „Чекај сега, кој со кого треба да се множи?“. Искуството ми покажа дека најдобра илустрација е: „Абе тоа ти е исто како во некоја шпанска серија или како во серијата Сексот и градот. Таму секој со секого се спарува. Првиот со првата, па со втората, па со третата итн. Па потоа вториот со првата, па со втората итн.“ И одма потоа ги сфаќаат полиномите. И ова Холивуд го прикажува како забавно, возбудливо, авантуристички, а последиците од таквиот развратен живот речиси и да се минимизирани. Се сеќавам во „Сексот и градот“ како девојките што пиеа мартини и вртеа машки дури и беа претставени како кул девојки што легнуваат машки уште на прв дејт. И ова се вклопи многу добро во ултра феминизмот бидејќи нели не се само машките „фраери“ ако вртат женски, туку и женските можат да бидат „фраерки“ ако вртат машки. Па и они имаат право на развратен живот! Тука се појавија и „пријателите со бенефит“. Фразите се: „Ние само се забавуваме, не сме во врска“, „Онака се гледаме, без обврски“, „Периодов не сум спремен за врска, ама може да се гледаме онака“, „Не знам на што сме, али не е битно“. Велат „не е битно“, а по цели денови и ноќи се измачуваат со тоа. Порано ќе се пољубеа и се знаеше дека се во врска, а денес партал ќе се направат и не знаат на што се. Холивуд за жал успешно ги замрси конците и испобуни луѓето, па уште и го прикажа тоа како забавно и безболно. Но во реалноста не е така. Се гледа дека човекот не е создаден за одлепи, залепи, прелепи, искини, закрпи. Последиците од тоа се многу скршени срца, нарушени односи, нарушени доверби, љубомори, депресии, фрустрации, потешкотии да се поврзеш во брак, зголемени разводи, ширење на полови болести итн. Кај „пријателите со бенефит“ секогаш барем едниот/a развива чувства (најчесто девојката), а другиот си користи бесплатна проституција. Но таа не се чувствува како проститутка, бидејќи Холивуд ја има убедено дека она е фракерка, кул, ин, модерна цура, 21век сме нели. Колку беше жално на еден форум кога читав како една 21-годишна девојка со срамење пиша дека е невина и прашуваше за совет дали и како да му каже на дечко ѝ дека е невина, да не мислел дека е „заостаната“, дека нешто и фали. А другиве „искусни спортиски“ ја тешеа ајде бе нема врска, ако стварно те сака ќе те разбере, нема да ти се смее, па и не си многу стара за да си невина…

Falling in Love. Љубов на прв поглед

Дали сте знаеле на пример дека фразата „Falling in Love“ влече корени од грчката митологија? Според митологијата, Купидон е богот на похотата, еротската љубов, привлечноста, еротската возбуда. Тој е син на божицата на љубовта – Венера. Кога Купидон ги застрелува срцата на луѓето и кога Купидоновата стрела ќе прободе нечие срце, личноста паѓа во љубовен занес (Falls in love) кон одредена личност. Купидоновата стрела според митологијата е полна со неконтролирачка еротска желба на која што никој не може да одолее. Оттука е сликата на срцето прободено со стрела.
Оттука влече корени и фразата „љубов на прв поглед“. Според грчката митологија, не е погледот тој што ја предизвикал „љубовта“, туку Купидоновата стрела што истовремено го прободела срцето на заљубениот/та.
240px-Cupido4b

Љубовта е слепа

Слична фраза што е доста популарна кај нас и се презентира како „мудрост“, а исто така влече корени од митологијата на Купидон е: „љубовта е слепа“. Слепа е затоа што наводно нема ни избор, ни можност да го разгледа, испита субјектот во кој што се заљубува личноста. Едноставно Купидоновата стрела го застрелува срцето и тоа е немоќно и не може да се спротистави на „љубовниот отров“ со кој е полна стрелата. Слепа е затоа што се води по измамливите страсти, по емоциите, со исклучување на разумот или едноставно со потчинување на разумот под емоциите.
Разумната љубов или зрелата љубов не е слепа. Паметниот отвара „четири“ очи и добро и доволно долго ја запознава другата личност пред да започне љубовна врска со него/неа која се разбира цели кон брак.
Верувам на сите ви се познати овие фрази од секојдневието и често пати ги слушаме меѓу луѓето, во песните, низ медиумите, филмовите и сл. Очигледно грчката митологија со митот за Купидон имаат поголемо влијание во медиумите отколку христијанските вредности и погледи.

Кој е одговорот за овие фрази кои често се промовираат во медиумите?

Едноставно: Лага. Дали сè е лага? Не. Сите сме сведоци, а дел од нас и биле во ситуација да се затрескаат во некоја личност без доволно (или ич) да ја запознаат и потоа во тој занес да ја идеализираат и да летаат во облаци со или без неа. Обично велат: „Едноставно се случи. Не знам како, зошто, од каде, но едноставно го/ја сакам.“
Значи ефектот, од искуство знаеме дека не е лага. Што е тогаш лагата? Лага пред сè е богот Купидон и неговата стрела. Лага е и самата идеја дека нешто НАДВОРЕШНО предизвикува нашето срце да се затреска во речиси непозната личност. Јас не сум верник во грчката митологија, туку сум христијанин. Според Библијата, проблемот на оваа особина на нашето срце лежи ВНАТРЕ во срцето. За жал, како и сè, така и нашето срце е оштетено од гревот и затоа е склоно кон идолопоклонство, блуд, прељуба, кон занесување, лутање и сл. Библијата недвосмислено вели:

„Најизмамливо од сè е срцето, и е страшно болно“ (Еремија 17:9, Библијата)

И затоа мудриот Соломон нè предупредува да го чуваме нашето срце:

„А над сè чувај го своето срце, зашто животот извира од него.“ (Поговорки 4:23, Библијата)

И веројатно нема кој не ја чул и фразата „следи го срцето“? Молам? Зошто јас како христијанин би следел нешто за што Библијата јасно вели дека е „најизмамливо од сè“? Не благодарам. Тоа е улога на разумот и затоа подобро би било да се каже: „следи го разумот“. Следењето на срцето на кратки стази ќе ни пружи извесно задоволство (заради задоволувањето на страстите), но потоа ќе следи разочарување. На долги стази се исплати да го следиме разумот.

Холивудската љубов е персонализирана

Таа доаѓа, таа си оди, ја снемува, се појавува, летнува, слетува, таа се загрева, се лади. Ова е многу добар изговор за да се префрли одговорноста на тетка Љубов доколку нешто почне да чкрипи во врската. Па така имаме ситуации кога некој прељубник ќе рече: „Јас не извршив прељуба, туку едноставно љубовта меѓу нас олади, таа летна од нас и слета кај некој друг човек“. Баш како што Каролина пее во песната Две Лири: „Но љубов летна од дворови, кај друга денес носиш сватови..“. Значи не е човекот тој што ја оставил девојката и се прељубил во некоја друга, туку љубовта е таа што летнала. Тоа е тоа, шо да праиш, крилја се у прашање.
Додека во христијанската љубов не постои „тетка Љубов“. Љубовните партнери се тие што одлучуваат да се љубат и ако постои проблем, проблемот се бара или во едниот, или во другата, или во двајцата, но никако меѓу нив, лево од нив, десно од нив, позади, пред, над, под нив. Христијанската љубов се дефинира како 1+1=1. Бог се наоѓа во плусот и во еднаквото. Тој ги сврзува и ги прави едно. И во оваа равенка нема место за ниедна друга рационална, ирационална или имагинарна променлива. Додека холивудската равенка изгледа некако вака: 1+1+Љубовта = { 1+1+Љубовта(услови) }

Љубовта е чувство

Според Холивуд љубовта е чувство, коктел од хемиски соединенија во нашиот мозок – адреналин, тестостерон, естроген, допамин, окситоцин. Го љубиш субјектот затоа што те прави тебе среќен, тебе ти пружа задоволство, добро расположение, комфор, убава е, ме насмејува, интересно си поминувам со неа, забавно ми е итн. Низ светот се случуваат разводи со едноставен изговор „љубовта ни олади, веќе не чувствуваме заљубеност како на почетокот и не е фер да останеме заедно без љубов“. Едноставно Холивуд има успешно инсталирано лага дека љубовта е чувство и штом престанеме да чувствуваме љубов, значи љубовта летнала и треба да се делува: развод, раскинување, евентуално и во најдобар случај брачни советници.
hormoni
Според подуховните, љубовта ги надминува хормоните, уживањето и задоволството. Напротив, честопати љубовта нè повикува да се жртвуваме: Да ни студи, за на друг да му биде топло. Да се откажеме од некое чоколадо, за друг да има ручек. Да се откажеме од одмор или забавна активност, за да помогнеме на друг. Да ставиме нечии други приоритети пред нашите, за на друг да му биде подобро од нас итн. Во екстремни случаи дури и животот да го дадеме, за нечие добро. Ова е дијаметрално спротивно од основниот генетски инстинкт за преживување. Вистинската несебична љубов не произлегува од телото, од хормоните, од „себичниот ген“. Оттука таа мора да доаѓа надвор од телесното и материјалното.
Библијата учи дека љубовта е разумска одлука, завет, акт на воља, независна од променливите чувства, дека таа не престанува, туку љуби и во добро и во лошо, и во болест и во здравје, и во богатство и во сиромаштија, и кога ни е забавно и кога ни е монотоно со партнерот. Најдобар пример за тоа што е љубов е „Одата на Љубовта“ запишана во Библијата:

Кога би зборувал на сите човечки јазици, па дури и на ангелски,
штом љубов немам, ќе бидам како гонг што одѕвонува, или кимбал што ѕвечи.
Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење,
а и така силна вера што и планини ќе преместува,
ако љубов немам, ништо не сум.
И да го раздадам целиот свој имот, и да го предадам телото да ми изгори,
штом љубов немам, ништо не ми користи.
Љубовта е долготрпелива, љубезна, љубовта не завидува;
Љубовта не се фали, не се вообразува, не е непристојна,
не го бара своето, не се срди, не памети зло;
Не се радува на неправда, а се радува на вистината;
Сè премолчува, во сè верува, на сè се надева, сè поднесува.
Љубовта никогаш не престанува.
(Од Библијата)

Интересно е што ниту еден од описите за љубовта тука не е „чувство“. Скоро сите се глаголи. Секако дека од љубовта треба да произлегуваат чувства, но тие се само последица на љубовта. Сепак чувствата се променливи. Понекогаш зависат од тековното расположение, околностите, од комуникацијата, од тоа дали имате конфликт со личноста, понекогаш дури и од времето, од тоа дали сте наспани, па дури и од тоа што сте јаделе. Љубовта не смее да зависи од вакви времени работи.

Доколку сте христијани, како што гледате Библиската вистина за нашето измамливо срце стои дијаметрално спротивно од грчката митологија за Купидон и неговата стрела. Библијата ни вели едно, а мнозинството филмови, серии и песни нешто сосема друго. На нас останува дали ќе веруваме во едното, другото или нешто сосема трето. Сепак важно е да избереме, кому ќе веруваме и по чија филозофија ќе се водиме.

Пишува: Златко Бучкоски