Интерактивни групи за проучување на Библијата

 



Нашата желба и мисија е студентите да се развиваат во сите четири области: интелектуална, емоционална, духовна и физичка. Духовната област е темел за развој на сите останати. Ако човек доживее бродолом на духовно поле, она што следува е депресија, апатија, безволност и бесмислен живот. Никој не сака да биде во тој тунел.
Македонија гордо се смета за библиска земја со околу 65% христијанско население. Повеќето имаат познавање за празниците, обичаите, адетите, но за жал мал е процентот на луѓето кои ја познаваат суштината на верата запишана во Светото Писмо – Библијата. Библијата нуди изобилство на универзални вистини и безвременска мудрост која ако ја примениме во нашите животи ќе ни даде вистинско исполнување, смисла, радост и мир во овој хаотичен свет. За таа цел Секој Студент и оваа година организира интерактивни групи за проучување на Библијата.

 

 

Како функционираат групите?

 

 

Групите ќе бидат составени од студенти од различни факултети, во опуштена кафе-атмосфера. Сите ќе имаат можност да учествуваат во читање и коментирање на пасуси од Библијата. Групите се состануваат еднаш неделно, во живо или онлајн, во време кое најмногу им одговара на студентите. Проучувањето трае околу 1 час. Ќе започнеме со проучување на евангелието по Јован. Поканети се сите заинтересирани студенти, без разлика дали се православни, католици или протестанти. Ќе се фокусираме на она што е заедничко и што ги зближува христијаните (основите на верата), а не она што е различно и ги разделува (црковните разлики).

„Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога“
– Исус Христос, ев. Матеј 4:4, Библијата

Неколку групи веќе започнаа, но заради големиот интерес, продолжуваме со формирање нови групи. Заинтересираните да ја пополнат следнава контакт форма и за кратко време ќе ве контактираме за првата средба.