Како да ја читам Библијата?

Библијата не е баш класична книга, па да седнете и да ја читате од почеток до крај. Всушност, Библијата не е една книга, туку е колекција од 66 свети книги напишани од 40-тина писатели, во временски распон од 15 векови и на три континенти. Иако пишувана од многу автори, сепак во неа проткајува една усогласена божествена порака и тоа е еден од многуте докази дека зад неа стои Божјата промисла.

Библијата е прилично голема книга и затоа треба да направите план како ќе ја читате, на што прво ќе му дадете приоритет. Бидејќи животот и учењето на Исус Христос е запишано во Новиот Завет, препорачуваме да почнете од Новиот Завет.
Новиот Завет од Библијата се состои од 27 книги: 4 евангелија, Делата на апостолите, писмата на апостолите до одредени црковни заедници или личности и на крајот Откровението на апостол Јован.

По кој редослед да читам?

Првите три евангелија (Матеј, Марко, Лука) се биографски наративи, а четвртото (Јован) навлегува во длабочината на Исусовото учење и идентитет. Така што, доколку сте ја подзаборавиле биографијата на Исусовиот живот на Земјата, почнете со едно од првите три, а потоа нурнете во евангелието по Јован. Потоа можете да продолжите со посланието на Јаков, Римјаните, Делата на апостолите итн.

Како да читам?

Новиот Завет не е некоја мистична книга за да барате скриени симболи или толкувања. Читајте го како реален историски запис, со вклучување разум, поставувајте си ги прашањата: Кој го пишува ова? Кому го пишува? Зошто? Кој е контекстот на напишаното? Каде и кога се случува дејствието? Каква била културата тогаш? Кое е значењето за мене во 21 век?
Ако не испланираш време во распоредот на денот, веројатно често ќе забораваш и ќе имаш дисконтинуитет во читањето. Затоа, ако си утрински тип на човек, најдобро е со утринското кафе/чај, пред сите обврски. Ако си ноќна птица (или був), пред спиење е исто добро време, кога сите обврски се зад тебе, кога не мораш да брзаш никаде. Кога и да е, важно е да не те дефокусираат луѓе или нотификации од социјални медиуми.

Читај и дискутирај во друштво

И најпосле, силно препорачуваме да си најдете пријатели-верници со кои ќе си направите како „book club“ и ќе читате заедно, ќе дискутирате за прочитаното, ќе се држите одговорни во редовноста, бидејќи хммм да бидеме искрени, кај повеќето ентузијазмот за читање на Библијата често го снемува три дена после Велигден. Секој Студент ви стои на располагање за тоа. Моментално има 10-тина вакви групи на студенти кои секоја недела се среќаваат за да читаат и дискутираат делови од Библијата (во живо или online преку Zoom). Добредојдени сте да се приклучите во една од овие групи, или секако оформете си своја група со ваши пријатели, колеги и сл.