Молитвата и Добриот Пастир
Мислам дека секој понекогаш се моли на Бог или барем понекогаш помислува да го направи ова. Тоа е многу нормално. Сме слушнале дека дури и најголемите атеисти се молат во одредени ситуации. Секој од нас има потреби или проблеми кои не може да ги реши/задоволи сам. Ни треба помош – натприродна помош која човек неможе да ни ја даде колку и да сака да ни помогне. Ова е особено очигледно во вакви кризни моменти. Да ти кажам, многу на кратко, за Исус и Неговиот однос кон нас.
„А кога ги виде мноштвата, беше поттикнат со сожалување за нив, зашто беа изморени и распрснати како овци, кои немаат пастир.“ (ев. Матеј 9:36, Библијата)
Овде сакам да кажам дека како што можеше да ги види тие луѓе и нивната емоционална и духовна состојба, така може да те види и тебе, тука и сега. Тој ги гледа твоите потреби и твоите проблеми. Тој ја гледа реалноста. И не само што те гледа и ги разбира твоите потреби/проблеми, туку има и сочуство и разбирање. А и уште нешто – само Тој може да ги реши! Тој е Добриот Пастир.Во врска со фактот дека Тој е Добриот Пастир. Ќе те молам прочитај ги овие цитати: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно... Јас го давам Мојот живот за овците.“ (ев. Јован 10:15, Библијата)
Неговата љубов за тебе и за мене е јасна (и гласна), нели? Се гледа што прави Тој за нас и што ни дава. Сега како што на крај ќе го прочиташ и последниот цитат, размисли Кој навистина е Тој? Забележи како неговите луѓе го перцепираа и што направија? Кој е твојот заклучок во врска со Неговиот идентитет и мисија?
Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што Јас ги правам – во името на Мојот Татко – сведочат за Мене. Но, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци. Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам, и тие идат по Мене. Јас им давам вечен живот и никако нема да загинат и никој нема да ги грабне од Мојата рака. Мојот Татко – Кој ми ги даде – е поголем од сите, и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко. Јас и Татко Ми едно сме.” Јудејците пак донесоа камења, за да Го убијат со камења. Исус им одговори: „Ви покажав многу добри дела од Мојот Татко; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?” Јудејците Му одговорија: „Не Те каменуваме заради добро дело, туку заради богохулство – зашто Ти, бидејќи човек, се правиш Бог.”” (ев. Јован 10:25-33, Библијата)
Кој е твојот заклучок за Исус и Неговиот идентитет и мисија? Не те прашувам општо (како е Тој прифатен во оваа култура или во историјата), туку Кој е Тој за тебе лично? Дали е твој Пастир? За крај, сакам да споделам една молитва со тебе, која можеш да ја молиш сега или доколку некогаш би сакал. Еве ја:
Господе Исусе, ми требаш. Ти си мојот Пастир. Јас се враќам кај Тебе и ти се предавам од сѐ срце. Се покајувам од мојот грев и доаѓам кај Тебе. Фала ти што ме љубиш, ме прифаќаш како Твој и ми даваш вечен живот. Ти ми даваш живот во изобилство. Ти благодарам! Сега сум Твој. Те молам помогни ми и води ме во животот. Амин. Молитвите не се магични зборови, туку се едноставно разговор со Бог. Ако некој те праша нешто – ти ќе му одговориш. Ако ти го прашаш нешто Бог, искрено од срце, тогаш Тој секако ќе одговори. Тој ќе ти одговори.
Пишува: Гоце Пецов