Науката и вербата

Осакатена наука

Првите компјутери се користеле најмногу за воени цели и дека првиот електромеханички, програмибилен и целосно автоматизиран дигитален компјутер (Z3) бил направен за време на Втората светска војна со примарна цел да го помогне германското воздухопловство. Интернетот и GPS системот биле иницирани, дизајнирани и првично развивани не од министерството за наука, туку од министерството за одбрана на САД со првична намена за воено-одбранбени цели, а дури потоа станале јавна употреба. Првата употреба на нуклеарната енергија не беше во нуклеарните централи, туку во Хирошима и Нагасаки. Да, засега повеќе ги уживаме благодетите од науката, отколку нејзините злоупотреби, но ако некогаш започнеме нуклеарна светска војна ќе зажалиме што сме го измислиле и тркалото.
nagasaki-small
Вербата и дава морални водилки на науката и од неа се очекува да ја корегира кога таа ќе залута во погрешен правец. Дури и од еден научник-атеист, иако не верува во Бог, се очекува да има верба во доброто, во хуманоста, да се грижи за природната средина и ресурси, да мисли и за следните генерации.

„Науката без вера е осакатена, а верата без наука е слепа.“ (Алберт Ајштајн)

Главниот предуслов

Со помош на науката можеме многу подобро да ја разбереме природата што не опкружува, редот и законитостите што владеат со неа и потоа истите да ги користиме за своја полза или, се разбира, за свое или меѓусебно уништување. Природните науки воопшто не би постоеле доколку луѓето не веруваа во една рационална вселена, во ред и законитост во природата. Тоа е главниот предуслов за воопшто да се започне со научно истражување. Инаку, која е поентата на самиот експеримент, ако не веруваме дека утре ќе важат истите закони, истите природни константи, ако однесувањето на системот, состојбата или движењето не може да се опише со некоја равенка на законитост? Ако пак веруваме дека природните закони настанале случајно, тогаш нив може и случајно да ги снема или случајно да се променат, да не важат исто секаде и сл. Во срцевината на сите природни науки е дека во Универзумот постои ред и законитост.

Оттука не е ни чудно што повеќето од основоположниците на природните науки (Исак Њутн, Јохан Кеплер, Роберт Бојл, Леондард Ојлер, Мајкл Фарадеј, Луј Пастер, Грегор Мендел, Лорд Келвин, браќата Рајт, Џејмс Максвел итн.) биле верници кои верувале дека природата е создадена од интелигентен Создател кој плански создал сè и поставил ред и законитост, а на човекот му е дадена таа привилегија да ја истражува и осознава.

„Запознавајќи ги Неговите дела, ќе Го запознаеме Него ( Господ ).“ (Роберт Бојл)
sungod
Во древни времиња, многу луѓе верувале дека со Месечината, Сонцето, другите ѕвезди, природните појави, плодноста и сл. управуваат некакви митски божества, секое со своите сопствени правила и закони. Сепак тоа не било случај со евреите (Јудеизмот) и подоцна со христијаните кои не верувале во овие божества, имале забрана да им се поклонуваат и верувале само во еден Бог кој поставил небесни и земни закони (природни закони) да управуваат со нив (Еремија 33:25, Јов 38:33, Библијата). Па така кога луѓето истражувајќи дознале што всушност се Сонцето, Месечината, другите ѕвезди и како тие се движат, митските божества почнале полека да исчезнуваат, а оние кои верувале во Создателот кој поставил природни закони во природата, се восхитувале на научните откритија и добивале инспирација за понатамошно истражување.

„Колку што повеќе ја проучувам природата, толку повеќе Му се восхитувам на делото на Создателот.“ (Луј Пастер)

Кога познатиот научник и основоположник на современата механика Исак Њутн го открил законот за гравитација, тој не рекол: „Аха, еве сега знам како планетите се движат, не ми треба Бог“. Не, туку тој ја напишал Philosophia Naturalis Principia Mathematica – една од најпознатите книги во историјата на науката, каде меѓу другото напишал:
newton
„Најубавиот систем од Сонцето, планетите, кометите можел да произлезе само од намерата и власта на интелигентно Битие.“ (Исак Њутн)

А во друга прилика рекол:
„Атеизмот е бесмислен. Набљудувајќи го Сончевиот систем, гледам дека Земјата е поставена на оптимална оддалеченост од Сонцето, за да добива соодветна количина топлина и светлина. Ова не се случило случајно!” (Исак Њутн)

Границите на науката

Професорот д-р Џон Ленокс ја дава следнава илустрација:
Дајте му торта на некој хемичар и тој може да ви каже од што е направена, може да направи анализа и да ви каже точно од кои хемиски соединенија е составена тортата и кои се нивните својства. Но она што нема да може да ви каже е зошто сте ја направиле тората. Тој, анализирајќи ја тортата, не може да дознае дали на некој од вашите блиски му е роденден, или можеби правите годишнина, или можеби ете едноставно ве фатило криза за благо. Слично е и со Универзумот и животот. Науката не може да одговори на суштинските прашања кои си ги поставува човекот: Зошто постојам? Која е смислата на животот? Дали со смртта ќе престанам да постојам? Постои ли духовен свет?

Понатаму научниот метод е ограничен помеѓу микро и макро светот. Микроскопите не можат да набљудуваат екстремно мали честички, а телескопите бескрајно далечни галаксии.
Исто така научниот метод е ограничен и во донесување на теории за минати неповторливи настани, бидејќи може да ги набљудува само последиците од тие настани, но не може експериментално да ги повтори. А и кога би можел, тогаш би дал одговор само на прашањето како тоа би можело да биде, но не и дека така сигурно било. Тоа се хипотезите кои всушност претставуваат веројатни научни претпоставки. Затоа често пати постојат повеќе хипотези за еден ист настан/појава и останува на вербата на научниците да веруваат како би можело тоа да биде. Историјата на науката изобилува со примери каде своевремено уверливи научни теории денес изгледаат смешно, како на пример неделивиот атом, геоцентричниот систем на Птоломеј и Аристотел, етерот, апсолутноста на времето итн.

Идеолошка наука и слепа вера
hands-trying-to-cover-eyes
Сепак, не секоја вера е разумна вера. Постојат верувања кои директно верниците ги насочуваат да го исклучат интелектот и разумот, да не им веруваат на сетилата и на здравата/разумната логика, им нудат некаква си „духовна логика“, создаваат догми кои се јасно спротивни на очигледните факти, поттикнуваат суеверија, празноверија, им забрануваат на верниците да бидат позитивно скептични, да поставуваат прашања за својата вера.

Добар пример за разумна вера е банката. Банката нема слепа вера кога ви доверува кредит и не верува слепо дека вие редовно ќе го исплаќате. Таа пред да ви даде кредит, прво ќе ви постави еден куп прашања, ќе провери каде работите, колку имот имате, дали имате редовни примања, дали редовно плаќате сметки итн. и дури потоа ќе ве определи за кредитоспособен и ќе ви даде кредит.

На сличен начин ние сакаме да ги поттикнеме студентите кон разумна верба, верба која поставува прашања, која не зема сè здраво за готово, која бара причини за да верува, верба која истражува, анализира, споредува, која е во согласност со разумот, со објективната наука. Токму затоа Секој Студент организира интерактивни групи за академско проучување на Светото Писмо (Библијата) каде студентите ја имаат привилегијата самите да истражуваат, да прашуваат, да бидат скептични, да испитуваат, да растат во познавањето на темелот на христијанската вера – Светото Писмо. Исус рекол дека најголемата заповед е да се љуби Бог со сето свое срце, душа, сила и разум (ев. Марко 12:30, Библијата).

Како слепата вера, така и идеолошката наука може да биде исто толку штетна, затоа што денес науката е културна моќ, еден вид авторитет меѓу луѓето и може да се злоупотреби за научна индоктринација. Науката не смее да биде заложник на идеологија или одредена филозофија. Денес, за жал, природните науки се заложници на филозофскиот натурализм. Филозофскиот натурализам тврди дека природата/материјалниот свет е сè што постои и дека априори не постојат Бог, духовен свет, натприродни појави, чуда и сл и дека сè што било, е и ќе биде, мора да се објасни единствено со помош на природните закони и никако поинаку. Ако не може да се објасни со овие закони, тогаш едноставно се вели „не знаеме зошто е така, ама во иднина ќе се најде објаснување“ и точка. Нема место за Бог и покрај тоа што тој е најдоброто објаснување за постоењето на Универзумот, дизајнот, редот и законитостите во природата, животот, дигиталната ДНК молекула итн. Од друга страна пак, историјата и општествените науки често знаат да бидат заложници на политичките интереси на различните држави и ние на балканот тоа најдобро го знаеме.

Погрешна битка
fight-small
Еден од најголемите проповедници на атеизмот, Кристофер Хиченс (1949-2011), откако бил дијагностициран со рак и увидел дека прогнозите му се лоши, заминал кај христијанинот д-р Франсис Колинс како последна надеж да го проба неговиот нов третман со мапирање на геномот и селективно таргетирање на оштетената ДНК. Очигледно атеистот не само што ја признавал научната дејност на овој христијанин, туку и ја гледал како последна надеж. Д-р Франсис Колинс бил директор на националниот институт за истражување на човечкиот геном и е заслужен за неговото декодирање, што веројатно е најголемото научно откритие на минатиот век. Во тимот кој работел на тој проект биле неколку научници, меѓу кои едниот бил истакнат атеист (д-р Крег Вентер). Науката не ги спротиставила овие двајца со различни верски убедувања да работат на ист научен прокет, како што не ги спротиставува и другите верници и атеисти кои искрено и објективно се занимаваат со научна дејност. Спротиставеноста е на друго место. Таа не се наоѓа помеѓу науката и вербата, туку помеѓу различните светогледи. Таму лежи зајакот. Таму е битката.

Во античка Грција, генерално циркулирале два основни светогледи за универзумот. Првиот вели дека материјата и енергијата е сè што постои и сите работи и појави мора да се објаснат преку нив. Не постои трансцендентност, Бог, духовен свет и сл. Тоа е филозофскиот материјализам или натурализам. Така учеле Демокрит, Епикур, Лукрециј, Левкип итн. Вториот светоглед, пак, вели дека материјата и енергијата не се сè што постои и дека има нешто и над материјалниот свет. Тоа е натприродниот светоглед.
Филозофот Кит Вард (Keith Ward) го дава следново резиме: „Речиси сите големи класични филозофи, а особено Платон, Аристотел, Рене Декарт, Готфрид Лајбниц, Спиноза, Емануел Кант, Хегел, Џон Лок, Џорџ Беркли – го гледале потеклото на Универзумот во трансцеденталната реалност. Тие имале различни специфични идеи за оваа реалност и различни начини на кој и пристапувале, но сите биле согласни во тоа дека Универзумот не е објаснив сам по себе и дека бара некое објаснување над него (трансцедентно)“.
worldviews2-small
Овие два светогледи често се препукувале низ историјата, а се препукуваат и денес. Во секуларните земји и секуларното образование денес преовладува натуралистичкиот светоглед и покрај тоа што првите универзитети во светот биле основани од верници. Од првите 108 колеџи и универзитети во САД, 106 биле основани од христијани, вклучувајќи ги тука и познатите универзитети Харвард, Јеил, Принстон, потоа и универзитетите Пенсилванија, Колумбија итн.

Заклучокот, со кој ќе се сложат илјадници научници, професори, доктори по науки, нобеловци – верници, е дека нема спротиставеност помеѓу разумната верба и објективната и чесна наука. Тие одат рака под рака и имаат заедничка цел: осознавање на вистината и живеење подобар и поквалитетен живот. Вербата секогаш била и ќе биде дополнителен поттик на верникот да го истражува и да му се восхитува на делото на Божјите раце.

Науката ги доближува луѓето до Бог.“ (Луј Пастер)

Автор: Златко Бучкоски