БОЖИЌ: На која дата се родил Исус?
Поголемиот дел од светот го прославува Исусовото раѓање на 25ти Декември. Ние и уште неколку земји го славиме на 7ми Јануар. Некои слават и двата дена. Штом ја отвори статијава, веројатно те копка кога точно Исус се родил. Доколку пресметките што следат ти се комплицирани, скролај директно кај болдираниот заклучок 😉
Постојат повеќе историски извори за Исус: еврејски, римски, грчки, христијански, нехристијански. Сепак кога станува збор за Исусовото раѓање, најмногу информации наоѓаме во евангелиjата по Лука и Матеј, но ни помагаат и стариот завет на Библијата, еврејските антиквитети на Јосиф Флавиј и сл.
Вистинскиот одговор е дека точниот датум, па дури и точната година не можат прецизно да се одредат. Тогаш за жал немале извод на родените како денес па да се види тоа. Но не е сигурно 0-тата година како што некои мислат, прво затоа што не постои нулта година (една година после 1BC e 1AD), а второ затоа што кога Исус се родил царот Ирод Велики сеуште бил жив и не само што бил жив, туку и сакал да го погуби Исус наредувајќи да бидат убиени сите машки деца во Витлеем до 2 годишна возраст. (ев. Матеј 2:16). Ирод умрел во 4 год. пне и ваквите луди убиства[1] ги правел во агонијата додека бил болен и знаел дека му се ближи крајот. И бидејќи Ирод наредил да бидат убиение сите машки деца во Витлеем до 2 годишна возраст, можеме да кажеме дека Исус се родил некаде околу 5-6 год. пне.
Евангелистот Лука кажува некои интересни детали околу ова. На пример кажува дека Марија зачнала од Св. Дух кога нејзината роднина, Елисавета (мајката на Јован Крстител), била во шестиот месец од нејзината бременост (ев. Лука 1:26, 36). Така што ако откриеме кога се родил Јован Крстител, ќе знаеме отприлика и кога се родил Исус.
Евангелистот Лука не известува дека мајката на Јован Кристител, Елисавета, забременила непосредно по завршувањето на свештеничката служба на нејзиниот маж Захарија. (ев. Лука 1:23-24). Захарија бил свештеник од Авијановиот род (ев. Лука 1:5). Свештениците од овој род биле 8ми по ред во годишното служење во храмот (1 Летописи 24:10) и според овој ред, Захарија завршил со свештеничката служба во третата Сабота од месецот Сиван (еврејски месец, според еврејскиот Лунарен календар).[2] што отприлика се паѓа во Мај-Јуни.
Бидејќи Марија забременила кога Елисавета била во 6-от месец од бременоста, имаме:
3-4та недела од Сиван + 6 месеци = 3та-4та недела од месецот Кислев или околу Декември според нашиот календар. Тоа е околу еврејскиот празник Ханука (25 Кислев) или „Празникот на светилниците“. Тоа е оној празник кога се пали познатата еврејска менора.
Интересно е што Исус е наречен „Светлината во светот“ (ев. Јован 8:12, 9:5, 12:46), а со слични зборови беше проречено неговото раѓање и од библискиот пророк Исаија (Исаија 9:2).[цитат] Па затоа и можеби не е случајно што Исус решил да се вплоти во утробата на Марија баш на тој или околу тој еврејски празник, бидејќи е претскажан како Светлината што доаѓа да го осветли овој мрачен свет.
Просечна бременост трае околу 40 недели или 10 лунарни месеци – какви што се месеците во Еврејскиот календар. Па така конечно го добиваме отприлика периодот кога најверојатно се родил Исус: 3та-4та недела од Кислев + околу 10 лунарни месеци = околу средина на месецот Тишри или Септември-Октомври според нашиот календар[3]
Тогаш е големата еврејска празнична недела „Празникот на Шаторите“, во чест на нивното избавување од Египет кога патувајќи кон ветената земја морале да јадат и спијат во шатори.
Интересно е што апостолот Јован, пишувајќи за Исусовото раѓање вели: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ (ев. Јован 1:12). Зборот што во македонскиот превод на Библијата е преведен со „се всели“ во новозаветниот грчки е „се вшатори“[4], така што во буквален превод би било: „И Словото стана тело и се вшатори меѓу нас..“. Можеби апостолот Јован намерно го употребил тој збор, правејќи релација помеѓу празникот „Шатори“ и Исусовото раѓање.
Сепак како што забележавте, направени беа неколку претпоставки и неколку „околу“, со што повторно ќе истакнам дека точниот датум на Исусовото раѓање не го знаеме.
Се разбира дека не. Да било тоа важно, писателите на евангелијата ќе го запишеле дури и часот кога Исус се родил. Но тие сметале за поважно да наведат ЗОШТО Исус се родил. Тоа го читаме уште во почетокот во самата изјава на ангелот: „Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси Својот народ од неговите гревови.” (ев. Матеј 1:21). Името „Исус“ на еврејски „Јешуа“ буквално значи „Спасител“. Македонскиот еквивалент е „Спасе“. Значи од таа Божиќна изјава на ангелот и од самото значење на името Исус ние ја дознаваме главната мисија на Исус – дека Тој ќе не спаси од нашите гревови.
На кој начин Исус го извршил ова спасување на нас луѓето? Со тоа што се жртвуваше за нас. Исус изврши замена и наместо ние да бидеме осудени за нашите гревови, тој ја превзема нашата вина и дозволи да биде распнат на крст и со тоа го жртвуваше својот живот како жртва за нашите гревови. Исус не мораше да го направи тоа. Секој од нас заслужува таква казна за нашите гревови. Но Бог ја покажа Својата огромна милост и љубов кон нас луѓето што дозволи Исус да ја плати таа казна на Голготскиот крст наместо нас. (Римјаните 5:8)
Сеедно е дали ќе го прославите Христовото раѓање на 25ти Декември или на 7ми Јануари. Многу поважно е акцентот на нашето прославување да го ставиме на суштината на Христовото раѓање, на целта заради која Исус се родил и нашите придобивки од тоа раѓање. На сите христијани што денес го прославуваат Божиќ, нека им е суштински среќен Божиќ!
Пишува: Златко Бучкоски
1. Ирод ја убил својата жена од љубомора и три од неговите синови бидејќи мислел дека му ја очекуваат со нетрпение смртта со цел оние да ја превземат власта. (линк)
2. Свештениците служеле по една седмица и се менувале во Сабота според редоследот запишан во стариот завет (2 Летописи 23:8, 1 Летописи 9:25). Истово го потврдува и познатиот историчар и еврејски генерал Јосиф Флавиј во неговото дело Антиквитети на евреите. (Josephus, Antiquities of the Jews, Book 7, Chapter 14, Paragraph 7.)
3. https://www.jewfaq.org/calendar.htm
4. https://biblehub.com/greek/4637.htm