Вакцината од Оксфорд успешно предизвикува имунолошки одговор
Вакцината против корона вирус развиена од Универзитетот во Оксфорд се чини безбедна и предизвикува имунолошки одговор. Пробните испитувања во кои биле вклучени 1077 лица покажале дека инекцијата довела до тоа да се направат антитела и Т-клетки кои можат да се борат со корона вирусот.
Наодите се многу ветувачки, но сè уште е премногу рано да се знае дали е тоа доволно за да се обезбеди заштита и во тек се поголеми испитувања. Велика Британија веќе нарача 100 милиони дози на вакцината.
Како работи вакцината?
Вакцината – наречена ChAdOx1 nCoV-19 – се развива со невидена брзина. Изработена е од генетски инженеринг на вирус што предизвикува обична настинка кај шимпанзата. Овој вирус бил многу изменет, прво, за да не може да предизвика инфекции кај луѓето и исто така направен е „да изгледа“ повеќе како корона вирус.
Научниците го сториле тоа со пренесување на генетските упатства за „шилестиот S протеин“ на коронавирусот (клучна алатка што ја користи за да ги нападне нашите клетки) во вакцината што ја развиле. Ова значи дека вакцината наликува на корона вирус и имунолошкиот систем може да научи како да го нападне.
Што се антитела и Т-клетки?
Најголемиот дел од фокусот на коронавирусот досега се однесуваше на антитела, но ова се само еден дел од нашата имунолошка одбрана. Антителата се мали протеини направени од имунолошкиот систем кои се лепат на површината на вирусите. Неутрализирачките антитела може да го оневозможат коронавирусот.
Т-клетките, еден вид бели крвни клетки, помагаат во координирање на имунолошкиот систем и се способни да забележат која од клетките на телото се заразени и конкретно нив да ги уништи. Скоро сите ефективни вакцини предизвикуваат антитела и одговор на Т-клетки.
Нивоата на Т-клетките се искачија 14 дена по вакцинирањето, а нивото на антитела достигна врв по 28 дена. Студијата не трае доволно долго за да разбере колку долго може да трае.
Проф. Ендру Полард, од истражувачката група во Оксфорд, изјави за BBC:
„Ние сме навистина задоволни со резултатите објавени денес, бидејќи гледаме и неутрализирачки антитела и Т-клетки. Тие се крајно ветувачки и веруваме во типот на одговор што може да се поврзе со заштита. Но, клучното прашање што секој сака да го знае е дали вакцината работи, дали нуди заштита … и ние сме во игра на чекање“.
Студијата покажа дека 90% од луѓето развиле неутрализирачки антитела после една доза од вакцината. Само десет лица добиле две дози и сите произведоа неутрализирачки антитела.
„Не го знаеме нивото потребно за заштита, но можеме да ги зголемиме одговорите со втора доза“, изјави проф Полард за BBC.
Дали е безбедна?
Да, но има несакани ефекти. Немало опасни несакани ефекти од земање на вакцината, но сепак, 70% од испитаниците развиле треска или главоболка. Истражувачите велат дека ова може да се третира со парацетамол. Проф. Сара Гилберт, од Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија, вели: „Има уште многу работа да се направи пред да можеме да потврдиме дали нашата вакцина ќе помогне во менаџирањето со пандемијата Ковид-19, но овие рани резултати се ветувачки“.
Кога ние би ја добиле оваа вакцина?
Можно е вакцина против корона вирусот да биде докажана ефективна пред крајот на годината, но сепак, таа нема да биде широко достапна. Здравствените работници ќе бидат приоритетни, како и лицата кои се сметаат дека се изложени на висок ризик од „Ковид-19“ поради нивната возраст или медицинските состојби.
Сепак, најраспространетата вакцинација најверојатно ќе биде, најрано, следната година дури и ако сè оди според планот.
Борис Џонсон рекол: „Очигледно се надевам, прстите ги вкрстив, но да кажам дека сум 100% сигурен дека ќе добиеме вакцина оваа година, или навистина следната година, за жал, е само претерување. „Сè уште не сме таму“.
Извор: BBC