Интервју со талентираната писателка Манче
„Најчесто се водам по чувства, зашто вистински уметник, наместо преку очите, гледа преку срцето.“
На барање на неколку читатели, успеавме да оствариме кратко интервју со талентираната писателка Мирјана Кирова, или позната како Манче меѓу поблиските пријатели.
- Која е Мирјана Кирова – Манче?
Манче е дете благословено од Бога со прекрасна дарба за создавање творби, додека во меѓувреме учи да биде физиотерапевт. Имам осумнаесет години и сум од Просениково, Струмичко.
- Кога ги започнавте првите книжевни почетоци?
Јас и пенкалото сме другари уште од кога знам за себе. Но, прв пат кога беше забележана мојата дарба за творење беше во четврто одделение, од мојата тогашна наставничка.
- Што најмногу те инспирира за пишување?
Инспирација е сè што постои, ако знаеш како да ја искористиш. Сепак најчесто се водам по чувства, зашто вистински уметник наместо преку очите, гледа преку срцето.
- Манче, твоите рецитали на Инстаграм профилот (wordsare_weapons) покажаа голема гледаност и интерес меѓу младите. Очигледно младите се пронаоѓаат во твоите текстови и верувам се поврзуваат емотивно.
Дали Инстаграм е единствената платформа каде што ги пласираш твоите уметнички дела?
Ретко, но не никогаш, објавувам по некоја творба на мојот фејсбук профил, но главно место каде се наоѓаат моите дела во пишана форма и/или видеа се на Инстаграм профилот.
Се случува понекогаш да објавам видео и на ТикТок, но сепак главниот фокус е на Инстаграм.
- Дали си размислувала за издавање на печатено издание од твоите творби?
Да, во план е да излезе мојата книга веќе неколку години, но сѐ уште не дошол погоден момент за тоа. Верувам во патот кој Бог ми го скроил, па оставам во негови раце.
Во продолжение би сакала да ви го споделам мојот најдраг текст кој досега го имам објавено, а подолу ќе можете да најдете и видео од ист жанр.
“Се сеќавам на време кога не знаев за недостиг.
Се сеќавам на време кога не знаев за болка.
Кога верував во засекогаш и верував дека засекогаш се ќе остане исто.
Сега и срцето и Мајот ми се Јануари,
кога некој ќе ти го каже името.
Се секавам на време кога не се чувствував изгубена.
На време кога мислев дека се што ќе се замисли е можно.
Ти ми го докажа спротивното.
Сега е време кога знам за недостиг и болка.
Сега наздравувам за сите кои ги имаме,
а и сите што ги изгубивме по патот на животот.
Никогаш нема да ги видам солзите твои за успесите наши,
никогаш нема да дуваме свеќи за роденден,
никогаш нема да правиме многу работи заедно.
Ама ние засеогаш заедно дишеме.
Ние засекогаш заедно се грееме и заедно смрзнуваме. Заедно го напишавме и ова
кое го читам пред сите кои дошле да плачат по тебе не знаејки дека ти е подобро.
Тие не ги гледаа твоите маки и болки.
Тие не знаат дека не треба да се жали по тебе.
На твоите ќерки им зборувам,
Мама е добро,
тешко е да поверувате, ама ништо не ја боли.
Често помислуваат дека полудувам.
Саканиот твој одбива да продолжи,
а мајка ти мисли со плачење ќе го оживее овенатото цвеќе.
И ќе наздравувам цел живот за желбата да си тука,
ама не си,
па затоа спомените те враќаат.
Од сега срцето ќе ми е светилка, за полесно да ме гледаш одозгора.”
– Кирова Мирјана