Обидот на Ирод да го убие бебето Исус

Многу е добро да се читаат евангелијата во историски контекст со останатите историски дела што го опишуваат тој период во Јудеа. Така многу работи стануваат појасни, поисторични, пореални.
Во времето на раѓањето на Исус, царот Ирод Велики владеел со Јудеа. Ирод бил параноично љубоморен човек. Од делата на еврејскиот генерал и познат историчар Јосиф Флавиј (37-100) кој живеел во тоа време и го опишува животот и владеењето на Ирод, дознаваме дека Ирод ја убил својата жена Мариаме поради љубомора.[1] Тој во деновите околу Исусовото раѓање пател од неизлечлива болест и стравувал дека наскоро може и да умре. Во тие панични психози тој извршил многу убиства. Тој бил љубоморен и кон својот престол и не сакал некој друг да му го превземе. Чувствувал дека неговите синови се радуваат на неговата скорешна смрт и дека веќе си кројат планови за тоа кој што ќе наследи и кој ќе владее и тоа многу го болело и затоа погубил 3 од своите 5 синови. Првите двајца, Александар и Аристобулус, синовите на Мариаме биле задавени во 7 год. пне. и погребани во Александрија.[2]. Третиот син, Антипатер, бил убиен 5 дена пред Иродовата сопствена смрт во 4 год. пне. и погребан без никаква церемонија.[3] Ја убил и неговата тешта (мајката на Мариаме) и неговиот зет и некои други поблиски роднини.[4] Последните 4 години од неговото владеење биле вистинска низа од суровости, дворски интриги и крвави пресметки. Во една прилика, во 7 год. пне. тој погубил 300 војсководци.[5] Итн. Едноставно не можел да се помири со фактот дека ќе умре и дека неговата власт ќе ја превземе некој друг.
Непосредно околу времето на овие убиства, мудреците од истокот дошле кај Ирод да го прашаат каде е претскажаниот цар што треба да се роди. Тие очекувале дека евреите знаат многу повеќе детали за царот (Исус) и веројатно затоа отишле кај Ирод мислејќи дека тој со својата власт и влијание е најзапознаен.
massacre_of_the_innocents
Согласно спремноста на Ирод да ги убие своите синови и најблиски роднини од љубомора кон својот престол, не мора да ги читате евангелијата за да претпоставите која би била реакцијата на Ирод. Евангелијата нè известуваат дека Ирод пратил војска во селото Витлеем и наредил да бидат убиени сите новородени деца до 2 годишна возраст со цел да го убие претскажаниот иден цар. Но за среќа у несреќа, Јосиф и Марија биле предупредени од ангел за ова и затоа побегнале во Египет и останале таму се до Иродовата смрт.[6]
Се надевам дека оваа случка, гледана во историски контекст, сега ви е пореална. Исус не беше убиен од Ирод. Среќен Божиќ!
Пишува: Златко Бучкоски


1. Joseph Flavius, Antiquities of the Jews 15:222-236
2. Joseph Flavius, Antiquities of the Jews 16:392-394
3. Joseph Flavius, Antiquities of the Jews 17:182-187
4. Joseph Flavius, Antiquities of the Jews 15:50-56, 15:247-251;
5. Joseph Flavius, Antiquities of the Jews 16:393-394
6. Евангелие по Матеј 2:1-16, Библијата