Планери

Драги нови студенти, добредојдовте во академскиот свет и во овој возбудлив, бурен и важен дел од вашите животи! Со нашиов скромен проект, студентскиот планер, сакаме да ви помогнеме да најдете мала отскочна даска и да си создадете ред и приоритети од сите нови задолженија кои ќе ви се налагаат. Сакаме да ве охрабриме и инспирираме. Да ве поттикнеме да се негувате и развивате себеси како целосни личности. Да ве посочиме кон тоа да најдете надеж и сила за сите предизвици пред вас. Да ве информираме и заинтригираме. Да ви помогнеме да се пронајдете себеси и да зачекорите напред во можностите.

Мал совет: не препуштајте ги работите на случајноста. Со календарот ќе можете да си го планирате почетокот на вашиот студентски живот. А статиите можат да ви понудат корисни совети и да ве поттикнат да

размислувате. Тие се воглавно поделени во четири категории кои ги одразуваат четирите главни аспекта на човековата суштина, во кои сите треба да се изградуваме за еден целовит растеж на нашата личност.

Затоа, планирајте, информирајте се, сонувајте, имајте визија за вашиот живот, бидете неисцрпни со идеи, креативност и слободно изразување. Искористувајте ги приликите, своите таленти и времето до максимум. Верувале или не, вие сте највлијателниот процент од светската популација, како и оние кои можат и кои треба да ги поттикнуваат и носат промените во својата средина.

Ве покануваме претстојнава година заедно храбро да зачекориме напред. Се надеваме дека овој планер добро ќе ве служи во текот на целата година, дека ќе се навраќате на него и ќе го споделувате со други. Вашите размилувања, идеи и сугестии за подобрување на овој проект се добредојдени!

Уште еднаш ви посакуваме топло добредојде и успешна година!

Секој Студент

Planeri